Ивановски: Ова е историски момент за Пелистер, целите оваа сезона ни се највисоки!

Македонскиот кошаркарски прволигаш, битолски Пелистер, уште еднаш стави до знаење дека како клуб планира да расте секоја наредна година. Доказ за тоа е и овосезонскиот настап во кошаркарската Лига на шампионите на ФИБА.

„Зелено-белите“ своето деби на европска сцена ќе го имаат на 19 септември, кога во бугарскиот град Самоков ќе се судрат со Реџо Емилија од Италија, во рамки од четвртфиналето од квалификацискиот турнир. 

„Како што знаете од оваа година имаме доста промени во тренерскиот и играчкиот кадар. Во оваа прилика сакам да го поздравам Боро Даскаловски, да му посакам топло добредојде и во целиот процес кој следи безрезервно ќе го поддржиме со цел исполнување на зацртаните цели. Ова е веќе трета година од преземањето на клубот од наша страна, па среќни сме што од година во година Пелистер расте пред сè на организациски план. Иако минатата сезона не ги исполнивме целите и завршивме на средина од табелата, како управа сме задоволни од начинот на кој ги поставивме работите и како клубот расте. 

Со тоа може да видите дека и повисоките структури на клубот одлучија дека пак ќе одиме чекор понапред. Првпат во историјата на клубот сме учесници во едно ФИБА натпреварување и ќе играме во Лигата на шампионите. Ова е историско учество на клубот во вакво натпреварување. Доколку не ја минеме квалификациската фаза на тој турнир, ние продолжуваме понатаму и би продолжиле во ФИБА Европа купот, па имаме неколку загарантирани натпревари. Сигурно е дека ќе играме европски натпревари во Битола. Целите на клубот за оваа година се највисоки. Ако не ја минеме квалификациската фаза во ЛШ, ќе целиме на пласман во втората фаза на Европа Купот. За оваа сезона имаме шест странци и тоа дополнително ги докажува нашите најголеми амбиции.

Исто така и во домашното првенство имаме највисоки дострели. Се надеваме дека ова ќе биде дека барем една од титулите ќе ја донесеме во нашиот град. Ова ни е последна година од платформата и соработката со генералниот спонзор. Во моментов нема преговори за продолжување, ама има време за тоа“, рече извршниот директор на КК Пелистер, Филип Ивановски.

Натпреварот меѓу македонскиот и италијанскиот претставник е закажан за в петок, со почеток од 15:30 часот.