Ивановски: Организационо ќе се издигнеме и ќе се разликуваме од сите други клубови

Комплетниот промени во играчкиот кадар и во раководечките структури го означија новиот почеток на КК Пелистер. Екипата која во последните неколку сезони игра клучна улога во битката со МЗТ Скопје за домашните титули доби нов спортски директор.

Младиот Филип Ивановски, кој зад себе има успешна ракометна кариера, е наследник  на Ѓорѓи Анакиевски на местото спортски директор на битолскиот клуб. Тој најави новини и организациони разлики од сите други кошаркарски клубови од нашата земја.

„При преземањето на клубот затекнавме хаотична ситуација. Не сакам да зборуваме на претходниците, но сакаме да ја запознаеме јавноста со деталите. Овој изминат период добиваме тужби за неисплатени долгови. Иако наша обврска е клубот да го преземем од први септември, спонзорот го реализира ваучерот и му помага на Општина Битола да ги покрие заостанатите долгови. Сите долгови треба да бидат подмирени до 31 август.

Битола заслужува кошарка на високо ниво, а овој клуб покажа дека може тоа да им го пружи на граѓаните. Под споменатите услови екипата играше две финалиња. Цел ни е организационо да се издигнеме, а стручниот штаб и играчите да продолжат нормално да работат. Сакаме да се разликуваме од сите кошаркарски клубови во Македонија. За првпат нашиот клуб ќе добие своја просторија, наскоро ќе пуштиме во продажба и сезонски билети и подготвуваме уште други изненадувања за нашите навивачи“, рече на прес-конференцијата спортскиот директор, Филип Ивановски.

Поранешниот младински репрезентативец во ракомет, член на Еурофарм Пелистер, Вардар и Металург почнува нова кариера и во кошаркарскиот спорт доверена му е одговорна улога во менаџирањето со КК Пелистер.