Итудис по стапките на кумот: Втора титула во четири години за грчкиот стручњак

Грчкиот стручњак Димитрис Итудис по вторпат во својата кариера е првак на Европа и вторпат во финалето совлада турски ривал. Пред три години во Берлин во финалето „армејците“, водени од Итудис, го совладаа Фенербахче на Обрадовиќ, а вечерва беа подобри од Анадолу Ефес на Атаман.

Долги години помошникот на Обрадовиќ и негов кум го „печеше“ занаетот и во четири сезони им донесе две титули на фановите на ЦСКА Москва. Со осум титули титанот на руската кошарка е втор на вечната листа и само Реал Мадрид има повеќе трофеи во најпрестижниот европски Куп.

Сепак, ЦСКА Москва е доминантна во однос на „кралевите“ во овој формат со завршен „фајнал-фор“.

Евролигата до крајот на јуни ќе го назначи следниот домаќин на Ф4 во мај следната година, а кандидати се Берлин, Париз, Атина и Каунас. Сезоната 2019/20 со нов формат и две екипи повеќе започнува во октомври 2019 година.