Италијански „Макрон“ четири години ќе ги облекува кошаркарските селекции

Познатата италијанска компанија „Макрон“ постигна договор за партнерство со Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) и во следниот период ќе ги облекува кошаркарите и кошаркарките на нашите селекции.

Договорот меѓу двете страни е четиригодишен, а вреди да се напомене дека најдобрата селекција на двомечот против Грузија настапи баш во новата опрема обезбедена од италијанскиот бренд. КФСМ и „Макрон“ се обврзаа за соработка за опрема, односно компанијата ќе ги снабдува сите машки и женски кошаркарски селекции со опрема за натпревари, тренинг и останати потреби.

„Во оваа прилика би сакал да испратам специјална благодарност за „Макрон“ за нивниот интерес и се надевам дека оваа соработка со нашата федерација ќе трае уште долги години. Се надевам дека заедно со нив ќе прославиме нови успеси и подобри резултати во мак-баскетот. Чест ни е што соработуваме со компанија како „Макрон““, изјави првиот човек на мак-баскетот Перо Антиќ.

„Макрон“ е италијанска компанија од Болоња, која има богато спортско портфолио. Особено ако се земе предвид дека се грижи за изгледот, дизајнот и квалитетот на доста голем број на национални тимови во повеќе спортови. Во оној кошаркарски сегмент, „Макрон“ е дел од повеќе италијански клубови како Виртус Болоња, Варезе, Виртус Рома, Реџана, а застапен е и во германската Бундеслига, каде нивните производи го користат кошаркарите на Лудвисбург.

Ова е вториот технички спонзор со кој федерацијата потпиша документ за долгорочна соработка. Пред извесно време, турскиот моден гигант „Кигили“ стана дел од Македонската кошаркарска федерација и ќе се грижи за изгледот на нашите репрезентативни селекции во наредниот период.