• Горан Упале
Никола Јокиќ, за многумина најдобриот кошаркар на денешницата, иако сè уште не е во вистински натпреварувачки ритам, поради повредата и паузата, уште еднаш покажа за каков кошаркарски велемајстор станува збор. Во поразот на Денвер од Њујорк Никс од 134-127, српскиот ас забележа „трипл-дабл“ ефект, кој сигурно уште долго ќе го памети.
Имено, брилијантниот центар стигна до 181-от„трипл-дабл“ во кариерата, со што се изедначи со Оскар Робертсон на второто место на вечната листа. Сега, само уште Расел Вестбрук е пред него, кој е на првото место и е на бројката од 207. Јокиќ до бројката од 181 стигна за 781 натпревар, додека на Робертсон му беа потребни 1.039 натпревари за да го постигне истиот учинок.
Против Никси популарниот „Џокер“ запиша 30 поени, 14 скока и 10 асистенции, но не беше најпрецизен во својот тим, затоа што поефикасен беше Мареј со 39 поени. Кај победничкиот тим фантастичен беше Бронсон со 42 поени, 8 скока и 9 асистенции.
Сан Антонио Спарс извојува уште една победа над Оклахома Сити со 116-106. Ова беше четвртата победа на тимот од Тексас над бранителот на титулата, во пет натпревари оваа сезона. Спарси, го совладаа шампионот во полуфиналето на НБА Купот во Лас Вегас, и трипати во текот на регуларната сезона.
Келдон Џонсон со 25 поени и Виктор Вембањама со 22 поени и 14 скока беа најзаслужни за 34-та победа на моментално второпласираниот тим во Западната конференција.
Оклахома е сè уште доста сигурна на првата позиција на Западот со скор од 40-12, а на овој дуел беше предводена од триото Џејлен Вилијамс, Кенрич Вилијамс и Арон Вигинс, кои постигнаа вкупно 69 поени, од кои 36 беа во првото полувреме. Кенрич беше најдобар со 25, Џалин придонесе со 24, а Вигинс со 20 поени.





