• Горан Упале
Долгиот пат кон враќањето на врвот на НБА лигата за Њујорк Никс е речиси завршен, а чекорот што го направија ноќва ќе остане запаметен засекогаш. Никси надополнија дури 29 поени негатива и се на чекор од првата шампионска титула уште од 1973 година, откако го совладаа Сан Антонио Спарс со резултат 107-106.
Херој на триумфот беше Ануноби, кој на 1,2 секунди пред крајот постигна решавачки кош по одбиена топка. Ануноби високо скокна кон обрачот, откако далечниот шут на Џејлен Брансон за три поени удри во предниот дел од обрачот, па со врвовите на прстите од десната рака нежно ја насочи топката во кошот.
Њујорк, кој во својата 80-годишна историја има само две шампионски титули и не се појавил во НБА финале уште од 1999 година, сега има три меч-топки за освојувањето на прстенот. Првата шанса доаѓа веќе во петтиот натпревар, кој се игра в сабота навечер во Сан Антонио. Малкумина можеа да замислат ваков развој по првото полувреме, бидејќи Спарси на пауза заминаа со огромна предност од 27 поени.
Сепак, Брансон го предводеше големиот пресврт со 36 поени, додека Ануноби натпреварот го заврши со 33 поени. На спротивната страна Вембањама натпреварот го заврши со 24 поени и 13 скокови, но со слаб процент на шут од игра – погоди само 9 од 25 обиди.
Од 1997 година, кога НБА води детална статистика по четвртини, ниту една екипа не успеала да надомести повеќе од 24 поени негатива во финална серија. Тој рекорд го држеше Бостон од 2008 година против Лејкерси. Спарси во средината на третата четвртина водеа со дури 81-52. Единствениот поголем пресврт во историјата на плеј-офот е остварен во 2019 година, кога Лос Анџелес Клиперс надополнија минус од 31 поен против Голден Стејт.

