ВИДЕО: Историски момент во НБА – Далас направи серија 30-0, но пак загуби!

Екипата на Оклахома Сити Тандер извојува победа над Далас Маверикс со 126-120, во највозбудливиот натпревар ноќва во НБА лигата.

Натпреварот во Тексас ќе остане запаметен и по тоа што Далас направи неверојатна серија од 30-0 во третата и четвртата четвртина, но сепак загуби.

Ѕвездата на Далас, Лука Дончиќ се врати откако пропушти еден натпревар поради раѓањето на неговата ќерка и го забележа третиот „трипл-дабл“ сезонава со 36 поени, 15 скока и 18 асистенции. 

Кај Далас одличен беше и Џонс со 24 поени, а за победничкиот тим најдобар поединец беше Вилијамс со 23 поени и по пет скока и асистенции.

Микал Бриџис постигна 26 од своите 42 поени во првата четвртина, а Бруклин Нетс ја прекина серијата од девет победи на Орландо (129-101). „Магичните“ пропуштија шанса за својата прва серија од десет победи во историјата на франшизата делумно поради тоа што имаа проблем да ги запрат Бриџис, особено во првите дванаесет минути. Франц Вагнер и Кол Ентони постигнаа по 20 поени за Орландо, кој немаше пораз од 14 ноември, кога исто така беше совладан од Бруклин.

Милвоки Бакс ја совлада Атланта Хокс со 132-121, а Јанис Антетокунмпо го оствари првиот „трипл-дабл“ сезонава со 32 поени, 11 скока и 10 асистенции.

Брилијантен натпревар имаше и Никола Јокиќ со осми „трипл-дабл“ (36 поени, 13 скока и 14 асистенции), но неговиот Денвер Нагетс немаше сили против Сакраменто и загуби со 123-117.