• Горан Упале
Денешниот ден ќе остане запаметен во историјата на КК Пелистер бидејќи „зелено-белите“ ќе го одиграат првиот официјален европски натпревар во своето постоење. Пелистерци се дел од еден од трите квалификациски турнири за Лигата на Шампионите на ФИБА, па денеска со почеток во 15:30 часот во Самоков ќе истрчаат на терен против Реџо Емилија.
Јасно е дека италијанскиот клуб ќе ја има фаворитската улога на овој меч, но тренерот Даскаловски и сите кошаркари се решени да се даде се од себе и да се стигне до позитивен резултат. Дури и доколку тоа не се случи и денеска биде претрпен пораз, Пелистер ќе продолжи да биде дел од европските натпреварувања, и тоа во групната фаза од ФИБА Купот во која за противници ќе ги има Цедевита јуниор од Хрватска, Патриоти Левице од Словачка и Керавнос од Кипар.
„Реџо Емилија е тим што е исклучително квалитетен, на чело со грчкиот стратег Пифтис кого добро го познавам. Можам да кажам дека странските кошаркари им се сериозни, играат на високо ниво многу години и тоа е едно поинакво ниво за нас, а за мене е чест и задоволство што можеме да излеземе на терен со таков ривал. Секако, ќе дадеме се од себе за достојно да го претставиме клубот, но и македонската кошарка. Ова е тренд што треба да го следат и останатите, преку европски натпревари да се добива искуство и квалитет“, изјави тренерот Боро Даскаловски
Пелистерци ќе бидат значително ослабени во рекетот со неиграњето на Џордан Скипер Браун (го напушти клубот поради семејни проблеми) и Ленгстон Вилсон (задоцнет сертификат за да може да биде пријавен во ФИБА), но без оглед на тоа желбата кај сите за покажување во вистиско светло е на највисоко ниво.



