• Мартин Танасковски
Голден Стејт Вориорс извојува тесна победа над Сан Антонио Спарс со 109-108 во натпревар од НБА Купот, во меч кој ќе остане запаметен по уште едно спектакуларно издание на Стеф Кари. Ѕвездениот бек приреди изведба каква што ретко се гледа, демонстрирајќи форма која и во 36-тата година од животот сè уште го издвојува како едно од најголемите имиња на модерната кошарка.
Кари постигна неверојатни 49 поени, кои ги надгради со четири скока и две асистенции. Неговиот шутерски ритам беше беспрекорен: 16/26 од поле, 9/17 за три поени и 8/8 од линијата за слободни фрлања. Со ова достигнување, Кари стана најстариот играч во историјата на НБА што има најмалку 46 поени на два последователни натпревари.
Во третата четвртина Кари додаде нов рекорд во својата богата колекција: по 99-ти пат во кариерата постигна најмалку 12 поени во период од само три минути игра. Со тоа ја продолжи и својата доминација на ова поле, престигнувајќи ги Џејмс Харден, Дејмиен Лилард и легендарниот Коби Брајант, кои зад себе имаат значително помал број вакви мини-офанзиви.
Драмата на дуелот беше крунисана во самата завршница. Кари извлече фаул и без грешка ги реализираше двете клучни слободни фрлања што на крајот ја одлучија победата. На спротивниот крај, Де’Арон Фокс имаше можност да донесе победа за Спарс, но неговиот шут во последните моменти заврши надвор од обрачот.
Покрај Кари, значаен придонес за Вориорс даде и Џими Батлер со 21 поен и осум скокови, додека Вил Ричард и Брендин Подземски постигнаа по десет поени. Кај Сан Антонио, Виктор Вембањама продолжи да импресионира. Францускиот центар забележа 26 поени, 12 скокови, четири асистенции и три блокади. Поддршка доби и од Фокс со 24 поени.






