Истанбул во шок од Асвел, Реал Мадрид моќен во Литванија

Француски Асвел приреди големо изненадување и успеа да слави на гостувањето кај Анадолу Ефес (76-82) во рамки на 20. коло од кошаркарската Евролига.

Турскиот тим важеше за фаворит на хартија и имаше контрола на резултатот, се до последниот период кога гостинот од Франција блесна. Во последните пет минути, кошаркарите на Асвел влегоа во серија, па заминаа на 74-79, предност која ја сочуваа до финишот. Нандо де Коло со 16 поени беше најдобар кај победникот, пред Блек и Маледон со по 15 поени, додека кај турскиот клуб, Ларкин и Порие постигнаа по 14 поени, а Османи запиша 13 поени.

Реал Мадрид одигра моќно и убедливо славеше на гостувањето кај Жалгирис во Литванија (64-83). „Кралскиот“ клуб лошо го отвори натпреварот, по првата четвртина имаше двоцифрена негатива (26-16), но потоа работите си дојдоа на своето место за фаворитот од Шпанија.

Џанан Муса со 17 и Факундо Кампацо со 13 поени беа најдобри кај мадридскиот клуб, додека кај литванскиот првак се истакнаа Вокер со 17 и Смајлагиќ со 9 поени.