Исповед на судијката Никочевиќ: Бев во паника и се плашев за мојот живот! (ВИДЕО)

Македонската кошаркарска судијка, Ема Никочевиќ, во емотивна исповед ги сподели нејзините предизвици за време на периодот кога ѝ бил откриен тумор во главата, по што веднаш мораше да замине на оперативен зафат. 

Никочевиќ првпат отворено проговори за нејзината битка, но и за храбриот пристап во тешките моменти кои можеле комплетно да ѝ го загрозат животот. 

„Не можев да зборувам, не можев да кажам ниту еден збор. Ме фати паника и се борев внатрешно со себеси. Стравот стануваше голем, а потоа седнав да се смирам, но ситуацијата стануваше полоша. 

Главата ми паѓаше на десната страна, а очите ми се превртуваа. Тоа беше знак дека е нешто сериозно. Не можев да ја помрднам десната рака. Сфатив дека не се работи за срцев удар, но почнав да мислам на сѐ останато. Лекарите бргу реагираа и ме однесоа во болница. 

Операцијата мина успешно, но деновите потоа беа најстрашни. Беше тешко да се очекуваат информациите. Потоа, ми се јави докторот Венко Филипче и ми рече да не се плашам, потврдувајќи дека туморот е бениген“, рече судијката.

Никочевиќ е судија со знакот на ФИБА и важи за една од најдобрите во нашата земја. Веднаш штом лекарите ѝ соопштија дека може да се врати на обврските, таа веднаш се појави на кошаркарските терени.