• Саше Љолес
Досегашниот центар на Црвена Звезда, Џоел Боломбој, ќе остане во Евролигата и во новата сезона, но ќе го промени клубот. Американскиот кошаркар потпиша двегодишен договор со францускиот Асвел.
Боломбој по три сезони ја напушта Црвена Звезда, но продолжува со настапите во елитното европско натпреварување. Пред белградскиот клуб, центарот настапуваше и за ЦСКА Москва и Олимпијакос, па со трансферот во Асвел го продолжува континуитетот во Евролигата.
Претходно се шпекулираше дека Боломбој би можел да го напушти евролигашкото друштво, но од такво сценарио нема да има ништо. Францускиот клуб потврди дека искусниот центар ќе биде дел од тимот од Вилербан во следните две сезони.
Неговото пристигнување е втората голема аквизиција на Асвел во овој преоден рок, откако клубот го потврди и ангажманот на Пети Милс.
Асвел прави големи промени во ростерот во однос на минатата сезона, а Боломбој се очекува да има значајна улога под кошевите и да биде стандардна „петка“ во составот.
