• Иван Димовски

Далас Маверикс се пласира во финалето на Западот со победата над Оклахома Сити Тандер, откако дојде до 4-2. Еден од најемотивните во таборот на победникот беше Кајри Ирвинг.
Искусниот плејмејкер по пауза од седум години повторно ќе игра конференциско финале, а за тоа откри дека бил на работ на солзи.
„Едвај ги задржав солзите. Го прегрнав моето семејство, а потоа заминав во соблекувалната. Долго мина откако сум бил во оваа позиција, во конференциско финале. Делови од кариерата ги зедов здраво за готово, три години во низа претходно доаѓав до финале како тоа да е најнормална работа“, изјави Ирвинг.
Претходно во кариерата Ирвинг играше три години во низа финале со Кливленд Кавалирс, во славната ера со Леброн Џејмс и беше шампион во 2016 година. Сепак, по заминувањето во 2017 година тој првпат се враќа во конференциско финале и ќе се бори за влез во серија за трофејот.