ВИДЕО: Ирвинг, Дурант и Харден броеја до 90 поени, Бруклин го „среди“ ЛА Клиперс

Екипата на Бруклин Нетс експресно им се врати на успесите во НБА лигата, откако по неочекуваниот пораз од Вашингтон (149-146), ноќва одигра брилијантен меч против еден од најдобрите тимови оваа сезона Лос Анџелес Клиперс и славеше победа од 124-120.

А каков би бил исходот освен победа, кога Бруклин во своите редови ги има расположените Ирвинг, Дурант и Харден. „Големата тројка“ на Нетси на овој меч броеше до дури 90 поени и го стави својот противник во големи маки. Ирвинг беше најпрецизен со 39 поени, Дурант реализира 28, а Харден запиша нов „трипл-дабл“ од 23 поени, 11 скока и 14 асистенции. Во редовите на Клиперси се истакна Ленард со 33 поени. 

До нова победа, која доаѓа по пораз, запиша и лидерот во Западната конференција, Јута. Џезерите по неуспехот од Денвер одиграа моќно против Детроит Пистонс и заслужено славеа победа од убедливи 117-105. 

Мичел со 32, Конли со 20 и Богдановиќ со 18 поени беа најрасположени во победничкиот табор, а кај Детроит прв стрелец беше Грант со 27 поени. 

На останатите натпревари, Торонто најде решение за Орландо и славеше со 108-123, Индијана беше поуспешна од Мемфис (134-116), Бостон минимално го совлада Голден Стејт Вориорс (111-107), додека Портланд го надигра Вашингтон со 132-121.