ВИДЕО: Индијана пак сигурна дома, избори мајсторка во серијата со Њујорк

Кошаркарите на Индијана Пејсерс го одбранија домашниот терен и ја израмнија серијата против Њујорк Никс на 3-3, откако славеа со 116-103 пред својата публика во „Геинбриџ Филдхаус“. 

  • Индијана Пејсерс - Њујорк Никс:

Ниту на третиот натпревар во Индијанаполис немаше простор за брејк, слично како и досега во Њујорк. Поради тоа двете екипи закажаа мајсторка за место во конференциското финале која ќе се игра во „Медисон Сквер Гарден“ на теренот на Никси. Решавачкиот натпревар се игра веќе в недела во терминот од 21:30 часот, а победникот оди во серија против Бостон.

Околу мечот, гостинот во Индијана парираше само во првото полувреме. Њујорк водеше во неколку наврати, ама пред паузата домашните се одлепија и потоа го бранеа водството до самиот крај. На моменти разликата достигна и максимални 20, за нова сигурна победа на Индијана. 

Најдобар поентер беше Џејлен Брансон од поразениот табор со 31 поен, додека кај Индијана се истакна Паскал Сиакам со 25 поени.