ВИДЕО: Индијана ги шокираше Леброн и Кливленд, Хјустон на мускули ја доби Минесота!

Екипата на Индијана Пејсерс го направи најголемото изненадување од вчерашната програма на плеј-офот на НБА лигата. Пејсерси стигнаа до водство од 1-0 во осминафиналната серија со големиот фаворит Кливленд Кавалирс, откако во нивниот прв дуел одигран на теренот на вицешампионот славеа убедливо со 18 поени разлика (80-98).

Момците на Мекмилан уште од самиот старт наметнаа силно и атрактивно темпо на игра, кое неочекувано беше недостижно за големите ѕвезди на Кливленд. На првата мала пауза се замина со предност на Пејсерси од 19 поени разлика (14-33), што беше пресудно за оваа голема победа на петтопласираната екипа од регуларниот дел. 

Најзаслужен за водството на Индијана од 1-0 е фантастичниот Оладипо, кој синоќа запиша 32 поени, додека во редовите на поразената екипа со 24 поени, 12 асистенции и 10 скока, нов „трипл-дабл“ оствари Леброн Џејмс. 

Можеби најсериозниот кандидат за МВП наградата во НБА лигата, Џејмс Харден пак блесна и со неверојатни 44 поени на својот тим му донесе тешка победа над незгодната Минесота. Хјустон првиот осминафинален меч против „волците“ го доби со 104-101, а покрај Харден се истакна и Цапела со 24 поени. 

Осминафинална предност од 1-0 обезбеди и тимот на Оклахома, која носен од феноменалните Џорџ (36) и Вестбрук (29) славеше сигурна победа над тимот на Јута Џез