• Мартин Танасковски
Белгија направи прогрес и по ланската бронза дојде до златото на Европското првенство (ЕП) за дами кое се одигра во Израел и Словенија. Во финалето „црните мачки“ ја победија Шпанија (58-64) и тоа по голем пресврт.
Шпанките имаа предност цел натпревар, а пред крајот на третата четвртина на семафорот имаа и највисок плус од десет поени (48-38). Меѓутоа, селекцијат акоја на последниот еврошампионат беше бронзена се врати во дуелот, одлични во серијата беа Алеманд и Месеман, кои ја донесоа Белгија на 52-50.
Потоа, Месеман постигна нова тројка за пресврт, а во финишот се играше брзоплето, се правеа многу грешки, ама Белгија ја однесе победата. Токму Месеман со 24 поени беше најдобра кај Белгијките, пред Линскенс со 18 поени и 15 скока, а кај Шпанија, Касас имаше 14, а Карера 12 поени и седум скока.
Претходно, во натпреварот за третото место Франција успеа убедливо да слави над Унгарија (82-68). Прва поентерка кај „триколорките“ беше Туре со 20 поени, пред Руперт со 13 поени, додека кај Унгарките, Кис заврши со 21, а Горе имаше 15 постигнати поени.