• Иван Димовски
Кошаркарската репрезентација на Македонија в сабота ги стартува претквалификациите за Светското првенство. Првиот натпревар ќе биде домашен против селекцијата на Романија, а ќе се одигра во Куманово.
Во пресрет на натпреварот, на официјалната прес-конференција пред дуелот се обрати селекторот Марјан Илиевски.
„За многу краток временски период имаше многу промени, репрезентацијата е драстично изменета. Кратко сме заедно и сите очекувања и заклучоци на резултатски план, би го истакнал само делот кој е мое лично задоволство поради ангажираноста на играчите. И во овој краток временски период не бевме комплетни. Сликата од двата пријателски натпревари со Швајцарија е позитивна, ама не смееме да се потпреме на нејзе. Јас инсистирам да бидеме приземни на сите натпревари. Не смееме да гледаме на работите еуфорично.
Овие играчи кои се тука со гордост ќе го носат дресот на утрешниот натпревар. Она што го прикажуваат во овој период е нова енергија, а се надеваме дека пред полна сала ќе го дадат својот максимум. Ова се играчи кои носат промени по подолг временски период. Енергијата, младоста и желбата за победа треба да бидат присутни на утрешниот натпревар. Куманово е добар спортски град, би ги повикал навивачите да направат таква атмосфера и да ни бидат наш шести играч во утрешниот натпревар кој се надевам дека ќе биде спортски празник“, изјави Илиевски.
Селекторот зборуваше и за противникот, се осврна на неговите најсилни страни и даде свое видување.
„Од нашите анализи во однос на противникот, до пред пристигнувањето не знаевме дали ќе имаат странски кошаркар, а според списокот нема да имаат интернационалец. Сепак, ова е искусна селекција која е физички силна, со играчи кои во екипите каде што настапуваат имаат добри улоги. Треба да обрнеме внимание на системот, играта под кошевите и транзицијата. Првично треба да го сопреме нивниот главен центар кој има огромно искуство. Фокусот ќе ни биде кон себе, кон своите задолженија и напредокот како репрезентација. Ако не грешиме, тоа ќе има влијание врз натпреварот. Со почит кон противникот, секогаш ќе се фокусираме кон својата задача“, изјави македонскиот предводник.
Македонија ќе ја дочека Романија во „Спортската сала Куманово“, натпреварот е закажан за 2 август (сабота) на големиот празник Илинден во терминот од 20:00 часот.

