Илиевски: Немаме тимско искуство за вакви мечеви, ќе извлечеме поуки од поразот

Екипата на Пелистер со висок пораз од Ловќен тргна во регионалното натпреварување АБА-2 лигата (85-108). По деби-натпреварот на меѓународната сцена, тренерот Марјан Илиевски кажа дека „зелените“ ќе извлечат поука од овој натпревар за во иднина, а на противникот му честита за триумфот.

„Честитки за кошаркарите на Ловќен за заслужената победа. Нивното искуство кое го имаат од настапите во АБА2 лигата во последните години беше сосема очигледно, одиграа квалитетно и заслужено се радуваат. Ние на хартија имаме искусни кошаркари со доволно меѓународни натпревари, но денеска се потврди дека како екипа ни недостига искуство на играње на вакви средби. 

Ако го гледаме она што ни се случи, изгледа како да ни потонале сите бродови. Јасно е дека не бевме на посакуваното ниво, но можеби е добро ова што ни се случи, бидејќи ќе имаме можност да извлечеме поуки. Мислам дека имаме доволно време за да се поправиме, но најважно од се е да го имаме вистинскиот пристап“, изјави Илиевски.

Следен натпревар за кошаркарскиот клуб Пелистер е против Сутјеска, исто така во „балонот“ во Златибор.