• Иван Димовски
Македонската кошаркарска репрезентација ќе ја дочека Унгарија за крај на циклусот од претквалификациите за Светското првенство. Во пресрет на натпреварот, своите очекувања и коментар за циклусот даде селекторот Марјан Илиевски.
„За екипата на Унгарија, таа е најискусна екипа во групава и игра најдобра кошарка. На оној натпревар во Солнок, тие погодија се, ние имавме лош шут за три поени и вкупно ниски проценти на реализација. Но реков и тогаш,задоволен сум без никакво правдање за резултатот.
Мечот со Унгарија ни е последен, резултатски не значи многу, ниту нам, ниту ним. Но, ние од самиот почеток кажавме дека секој дуел кој ќе го имаме, па дури и оној на тренинг, ќе биде од големо значење за сите. Затоа, на секој натпревар гледаме да го извадиме нашиот максимум, па дај Боже и да победиме. На хартија сме помалку квалитетна репрезентација од Унгарија, во однос на искуство и на заеднички години, но ќе се бориме“ , порача селекторот Илиевски.
Средбата меѓу Македонија и Унгарија во СРЦ „Кале“ ќе се одигра вечерва во терминот од 19:00 часот.

