Илиевски: Како да го победиме МЗТ, кога не можевме да погодиме ниту слободно фрлање

Битолски Пелистер вторпат беше надигран во АБА2 лигата, но овој доживеа болен пораз – во македонското дерби против МЗТ Скопје.

„Зелено-белите“ на дуелот во Осијек потфрлија во целост, а доказ за тоа е и убедливиот триумф на македонскиот шампион од 16 поени разлика. По натпреварот Маријан Илиевски, стратегот на Пелистер, ги посочи главните причини за високиот пораз, а тоа се очајната реализација и лошиот скок во двата правци.

„Натпреварот го загубивме уште во втората четвртина. Се подготвувавме за многу поразличен пристап на играта. Немам што друго да кажам кога противничката екипа погодува сè, а ние не можеме да погодиме ниту слободно фрлање. Поради тоа имавме и многу проблеми во скокот и во одбрана и во напад“, рече стратегот на Пелистер.

Следен противник на Пелистер во регионалното натпреварување е тимот на Војводина, натпревар кој се игра за два дена.