Илиевски: Блокотехна е хендикепирана, но проблемите ќе нѐ направат посилни!

Гевгелиска Блокотехна ќе ја брани македонската чест на Ф4-турнирот во регионалната БИБЛ-лига. Во полуфиналето тимот ќе се соочи со бугарски Академик Бутлекс 99, а пред стартот на завршницата, тренерот Марјан Илиевски ги кажа своите очекувања.

Блокотехна се соочува со проблеми, затоа што Мијатовиќ и Главчев беа повредени, а исто така одредено време паузираше и Лефковски. Но, Илиевски се надева дека тимот ќе се издигне од овие проблеми и дека ќе биде посилен од истите.

„Чувството да си дел од Ф4-турнир е одлично, како за играчите, така и за сите нас во клубот. Како и да е, во моментов сме хендикепирани поради повреди на играчи кои ни се стандардни. Хемијата ни е пореметена, затоа што Мијатовиќ и Главчев се повредени, а исто така отсуствува и Лефковски. Доаѓаме во Тирана со пократка ротација, но како и да е, ќе истрчаме на терен и ќе се бориме за финале. Прва пречка ни е тимот на Академик, против кого ќе го дадеме максимумот. Се работи за сериозен ривал, не смее да потфрлиме. Нашите проблеми мора да не мотивираат“, изјави Илиевски.

Завршницата во БИБЛ-лигата се игра на 6 и 7 април во Тирана. Блокотехна се среќава со Академик Бутлекс на 6 април од 17:00 часот, додека Берое и Теута играат од 19:30 часот.