• Саше Љолес
Дел од кошаркарската јавност во Европа е зачудена од изборот на Евролигата за идеалната петорка во оваа сезона, а има и такви кои се спротивставија доста жестоко на социјалните мрежи.
Прв изреагира Шејн Ларкин од Анадолу Ефес, кој иронично го прокоментира моментот што не се најде ниту во втората најдобра петорка, а најдиректен од сите беше Мајк Џејмс од Монако. Американецот доби место во ТОП-5 играчите сезонава, но очигледно има директен и можеби, за навивачите, непопуларен став.
„Се извинувам, но сметам дека навивачите не треба да гласаат, затоа што секогаш ќе имаат симпатии за својот тим и своите играчи. Нивната работа е да бидат субјективни, а не објективни. Овој начин на гласање донесе мала конфузија за мене“, напиша Џејмс на својот „икс“ профил.
Кон критиките се приклучи и Чима Монеке од Басконија, а истото го стори и Антониус Кливленд од Макаби. За потсетување, првата петорка ја сочинуваат Факундо Кампацо, Матијас Лесор, Кендрик Нан, Мајк Џејмс и Најџел Хејс-Дејвис.