Идеална „петорка“ во Купот на КФСМ: Тројца Македонци, двајца странци

МЗТ Скопје успеа да дојде до десеттиот трофеј во Купот на Македонија преку најголемиот ривал Работнички, а по крајот на завршницата во натпреварувањето, на интернет-страницата на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) избрана е најдобрата петорка.

Идеалниот тим го предводи најкорисниот играч на завршницата во Купот, Дамјан Стојановски. Кошаркарот на МЗТ имаше блескави партии, а посебно се истакна во финалето со 19 поени и меѓу нив една блескава тројка која ги вивна „штрковите“ кон титула во финишот.

Од таборот на МЗТ во идеалниот тим се наоѓа и Бојан Крстевски, додека од финалистот Работнички, тука е Филип Бундовиќ кој имаше блескави настапи на патот до финалето, но не и во мечот за титула. Од македонските кошаркари во тимот е Дарко Соколов (Еуро Никел), а петорката ја комплетира неговиот клупски колега Роберт Рикиќ.

Втората најдобра петорка ја сочинуваат пет странски кошаркари. Тоа се Роналд Херис (Академија ФМП), Хасани Гравет (МЗТ Скопје), Олуфеми Олуџоби (МЗТ Скопје), Иван Аска (Работнички) и Андрија Бојиќ (МЗТ Скопје).