Ибака: Во Баерн дојдов поради Пабло Ласо, тој е фантастичен тренер

Серж Ибака неодамна потпиша договор со Баерн Минхен и се враќа во Европа после цели четиринаесет години. Поранешниот шпански репрезентативец се очекува да биде огромно засилување во играта под кошевите, а и самиот играч изрази големо задоволство од трансферот. 

„Привилегија е да се приклучиш на тим со толку богата историја како Баерн. Пабло Ласо е одличен човек и фантастичен тренер. Неизмерно го почитувам и затоа не се двоумев кога ја добив поканата. Сега сум во етапа од кариерата кога морам да соработувам со добронамерни луѓе. Имам уште многу да понудам и се надевам дека ќе придонесам за големи успеси на тимот. 

Кошарката е прекрасна игра и играчите треба да уживаат во неа. Мене ми е важно да сум секогаш фокусиран и комплетно растоварен од непотребни притисоци. Пабло Ласо е идеалниот тренер за нас, тој е чесен и добар човек. Да не должам премногу, сите знаеме за каква личност се работи“, изјави Ибака. 

Шпанскиот кошаркар има пребогата НБА кариера и долги години настапуваше во најсилната лига на светот. Играше за Оклахома, Орландо, Торонто, ЛА Клиперс и Милвоки Бакс, а кариерата ја започна во екипата на Интер Клуб од Конго.