Хуман гест: Шекил O'Нил испрати помош за млад „џин“ од ранлива категорија

Славниот НБА кошаркар, Шекил О'Нил, се најде во центарот на вниманието откако јавноста дозна за еден навистина голем и хуман гест кој го направил за едно младо момче од Канзас Сити. 

Младиот Џорел Болден има прекумерна висина и телесна тежина, а неговото семејство е од ранлива категорија и ретко можело да му обезбеди соодветна облека и обувки. Бројот што го носи Болден е 58, а таквите патики неретко во Соединетите Американски Држави чинат и до илјада долари. Семејството и пријателите отвориле мала фондација за помош, а репортажата која ја снимила една локална телевизија стигнала и до славниот Шек, кој веднаш изреагирал и испратил помош за момчето. 

О'Нил во минатото изјавуваше дека често имал проблем да си купи патики и чевли во младоста, а очигледно дека сочувствувал со маката на Бордел и му испратил дваесет пара патики, дел од својата брендирана спортска опрема, како и паричен износ од 30.000 долари. Поранешниот кошаркар сакал сето ова да остане во тајност, но семејството на младиот Бордел на социјалните мрежи упати благодарност до него и така целата јавност дозна за овој хуман гест.

Шекил О'Нил носи патики со ист број како младото момче (58) и е рекордер во овој сегмент во НБА лигата, а зад него се Боб Ланиер (57), Бобан Маријановиќ (53,5) и Деандре Џордан (52,5).