• Саше Љолес

Тони Гарма е млад хрватски кошаркар кој само со дванаесет години почнува да ја импресионира цела Европа. Гарма е неверојатен талент, а големите познавачи на овој спорт му предвидуваат блескава кариера во иднина.
„Чудото од дете“ беше гостин на славниот Реал Мадрид и заигра за овој клуб на престижниот У13 турнир кој е најсилен во оваа конкуренција во Шпанија. Гарма одигра неверојатни партии, а најмногу брилираше во финалниот меч против Барселона. Иако Реал Мадрид загуби, хрватскиот талент ги остави сите без зборови и постигна неверојатни 57 поени! Тој успеа да ги сруши сите рекорди во историјата на овој турнир и стана најмладиот кошаркар на Реал Мадрид кој постигнал над 50 поени на еден натпревар. Вкупно на шест мечеви постигна 170 поени и беше убедливо најефикасниот играч на турнирот.
Пробата во Реал Мадрид беше повеќе од задоволителна за младиот Гарма, а се огласи и неговиот матичен клуб МКК Нови Загреб, од каде велат дека се неизмерно горди на неговите успеси.
„Огромна чест е што Тони е дел од нашиот клуб. Неизмерно сме горди на нашата квалитетна работа со младинецот, а тој само дополнително ги мотивира сите во клубот да стават уште поголем акцент на новите таленти што доаѓаат на кошаркарската сцена. Повикот од Мадрид е само уште една потврда за неговиот потенцијал, сите знаеме дека Реал е најголем клуб во Европа, а тоа може да биде огромен чекор напред за нашата идна ѕвезда“, се вели во краткото соопштение од клубот.
Вниманието кон младиот Гарма се зголеми откако во меч од домашното првенство успеа да постигне дури 73 поени против екипата на Цибона. Неговиот тим постигна вкупно 94 поени, а две третини од нив беа дело токму на Тони Гарма. На единаесет одиграни мечеви за МКК Загреб, тој досега има посигнато огромни 467 поени, што во просек претставува неверојатни 42,5 поени по натпревар. Клубот повремено го „прекомандува“ и во повозрасните категории, а тој успеваше да постигне над 30 поени и на мечевите во У15 и У17 категориите.
Очигледно е дека се работи за огромен талент на хрватската кошарка, па останува да видиме со каква динамика ќе се развива неговата кариера. Хрватските медиуми велат дека нема да биде чудно ако го видиме Тони Гарма во сениорските категории многу порано од очекуваното и се надеваат дека во иднина може да биде еден од предводниците на хрватскиот национален тим.