Хрватот Зоран Вркиќ потпиша за Карпош Соколи

Вториот македонски претставник во АБА-лигата, екипата на Карпош Соколи, ќе влезе засилен во претстојната, откако управата на клубот ги заврши сите работи околу потпис на договорот со хрватскиот интернационалец Зоран Вркиќ.

Станува збор за крилен кошаркар, кој во таборот на „соколите“ доаѓа од Шпанија и тоа од редовите на доскорешниот прволигаш Гупузкоа од Сан Себастијан. Претходно, во својата кариера, Вркиќ има настапувано за екипи како Билбао баскет, Икарос, Задар, Бјанкоблу баскет од Болоња, Задар, Унион Олимпија...

Хрватот се очекува да биде големо засилување за составот на Синиша Матиќ во пресрет на напорната сезона, во која карпошовци покрај АБА-лигата ги очекува и дебитантски настап во БИБЛ-лигата. Претходно, во таборот на Карпош Соколи пристигнаа српските интернационалци Драган Лабовиќ, Драган Зековиќ, и Урош Дувњак како и Американеците Ламонт Мек и Кендрик Пери. Од староседелците тука се Дарко Соколов, Игор Пенов, Душан Кнежевиќ и талентираните Дамјан Јакимовски, Иван Сапунџиев и Филип Бакоч.