• Горан Упале

По двата порази во низа, кошаркарите на Хјустон Рокетс на фантастичен начин им се вратија на победите во НБА лигата, откако ноќва одиграа неверојатна партија на свој паркет и со убедливи 42 разлика го посрамотија тимот на Орландо Меџик (132-90).
Рокетси колку што беа моќни и ефикасни во нападот, толку беа цврсти и подвижни во одбраната, па затоа сите четвртини ги завршија со над 30 постигнати поени, додека противникот во првото полувреме постигна само 33. Интересно е тоа што во редовите на победничката екипа во листата на стрелците се запишаа сите кошаркари (13), а изненадувачки најпрецизен не беше Џејмс Харден. „Брадата“ реализира 15 поени, но имаше неверојатни 13 асистенции, додека најрасположен за кошеви беше Вуд со 22 поени и 15 скока.
Поранешниот шампион во кошаркарската елита, Голден Стејт Вориорс запиша нов триумф оваа сезона и тоа над фаворизираниот Лос Анџелес Клиперс. Вориорси полека заличуваат на оној шампионски тим од пред неколку сезони, а најзаслужен за тоа е одличниот Стеф Кари. Клиперси со 115-105 загубија во Сан Франциско, а плејмејкерот на домаќините одигра нова фантастична партија и со 38 поени и 11 асистенции беше најдобриот поединец на паркетот.
Бранителот на титулата, Лос Анџелес Лејкерс можеби не така убедливо и лесно како што се очекуваше, но сепак впиша нова победа на своето конто. „Езерџиите“ со минимални 117-115 го совладаа составот на Чикаго Булс и повторно се искачија на лидерската позиција на табелата во Западната конференција.
Леброн Џејмс со 28 и Харел со 17 поени и 14 скока беа најдобрите поединци во редовите на Лејкерси, додека кај поразениот тим се истакна Левајн со 38 поени.