ВИДЕО: Хјустон го преживеа кам-бекот на Торонто, Дончиќ шутерски расположен против Детроит

Хјустон

Десеткуваниот Хјустон успеа да го добие дербито против Торонто (121-119) на домашен терен. Повторно прво име во редовите на „ракетите“ беше Џејмс Харден со 35 поени, откако го доби директниот дуел со Каваи Ленард. Првата ѕвезда на гостите од Канада промаши тројка за победа во последните моменти од натпреварот.

Феноменалниот Лука Дончиќ постигна 32 поени и собра по осум скока и исто толку асистенции во триумфот на Далас над Детроит (106-101). Во едно од подобрите изданија оваа сезона, Словенецот беше лидер во својата екипа која продолжи да игра одлично на домашен терен. Блејк Грифин со 35 поени и седум скока беше најдобар поединец кај Пистонси.

Еден од фаворитите за МВП наградата во тековната сезона Јанис Антетокумпо оствари учинок од 34 поени и 14 скока и беше најзаслужен за славјето на Милвоки против Шарлот (108-99). Бакси одиграа фантастично во последните 12 минути од мечот и ја добија последната четвртина со 20 разлика за на крај да имаат мирна завршница.

Денвер продолжи со одличните игри и убедливо го надигра Феникс (132-95) пред своите гледачи. Дури осум домашни кошаркари запишаа двоцифрен број на поени, а најефикасен меѓу нив беше Пол Милсап со 20 поени.

Српскиот интернационалец Немања Бјелица беше еден од подобрите во редовите на Сакраменто во гостинската победа над Мемфис (96-99). Со 17 поени и 11 скока тој им помогна на соиграчите да стигнат до победата број 25 оваа сезона и да остварат позитивен скор на табелата на Западната конференција.

Иако имаше неочекувани проблеми во завршните минути, екипата на Јута Џез ја совлада Минесота (106-102) во меч во кој Карл Ентони Таунс запиша највисоки 33 поени и десет скока.

Во останатите натпревари, Вашингтон го надигра Орландо (91-95), Мајами очекувано го совлада Кливленд (94-100), Бруклин го доби дербито против Њујорк (109-99), а ЛА Клиперс се радуваше на теренот на Чикаго (101-106).