Хитот од евро-шампионатот нема да игра повеќе за Партизан

Младиот фински кошаркар Мика Муринен, кој со блескави настапи на Евробаскетот во дресот на Финска се наметна како една од најголемите млади надежи на европската сцена, би можел предвреме да ја заврши својата епизода во Партизан. 

Иако неговото доаѓање во белградскиот клуб беше свечено најавено лично од претседателот на Партизан пред почетокот на сезоната, а бројни познати НБА-страници на социјалните мрежи објавија дека носителот на признанието „Ѕвезда во подем“ на Европското првенство станува професионалец, ситуацијата околу 18-годишниот крилен центар, според последните информации, не оди во посакувана насока.

Финскиот тренер Кристијан Палоти во интервју за „Хелсингин Саномат“ изнесе загрижувачки тврдења дека Муринен повеќе не е сигурен дека ќе продолжи да настапува за „црно-белите“.

„Се чини дека Мика повеќе не сака да игра таму, барем таков впечаток имам јас. Искрено се надевам дека грешам, бидејќи ова е навистина сериозна информација“, изјави 38-годишниот стратег.

Палоти открива дека дискусиите околу однесувањето на младиот кошаркар не се појавиле за првпат и предупредува дека ваквите ситуации можат сериозно да му наштетат на неговата иднина.

„Колку повеќе вакви приказни кружат, толку е поголем ризикот за неговата позиција – и на колеџ, и подоцна во НБА. Останува да се види колку ова ќе влијае на неговиот статус на драфтот, особено ако клубовите проценат дека не сакаат да преземат ризик. Моето искуство вели дека Мика не е лошо момче, но мора да се внимава каква слика се испраќа за себе, без разлика каде се наоѓаш“, додава Палоти.

И покрај комплицираната ситуација, финскиот тренер гледа и можен излез кој би можел да биде најдобар за развојот на талентираниот кошаркар.

„Сè уште има време до крајот на сезоната. Зошто да не побара друга средина каде што би добил поголема минутажа? Тоа можеби би значело финансиска жртва и помала плата, но веќе следната сезона во НЦАА лигата ќе има можност да заработува значително и да го продолжи својот напредок“, заклучи Палоти.

Ситуацијата околу Муринен внимателно се следи, бидејќи станува збор за играч кого многумина веќе го гледаат како потенцијален НБА-проект, а неговите следни чекори би можеле да имаат клучно влијание врз целата негова кариера.