Хит анегдота на Јокиќ: Го преспав НБА-драфтот, гледав само хајлајтс!

Српскиот кошаркар и еден од најдоминантните играчи во денешната НБА лига, Никола Јокиќ, гостуваше во најновото издание на популарниот подкаст „X&O's Chat“, каде што откри неколку интересни и помалку познати детали од својот живот и кариера. Ѕвездата на Денвер Нагетс зборуваше за своето секојдневие, за тоа како ја доживува атмосферата во кафаните и музиката на тамбурашите, но најмногу внимание привлече неговото сеќавање на моментот кога беше избран на НБА драфтот во 2014 година.

Јокиќ тогаш беше избран како 41. пик во втората рунда од страна на Денвер, но самиот признава дека во тој момент дури ни не бил свесен за значењето на тој настан.

„Кога ме избраа на драфтот, брат ми ме повика. Тој тогаш живееше во Њујорк и ми рече дека сум драфтуван. А јас – спиев. Искрено, во тие години воопшто не размислував за такви работи. Имав 18 години и повеќе мислев како ќе се борам со овие момци на теренот“, раскажа Јокиќ низ смеа.

Српскиот центар призна дека во младоста не бил голем следбеник на натпреварите од НБА лигата, но сепак редовно ги следел најинтересните моменти од натпреварите.

„Не гледав многу натпревари во живо, но ги следев најдобрите потези и хајлајтсите. Постоеше емисијата „NBA Action“ и тоа го гледавме сите. Фала му на Бога, тоа беше нешто што едноставно мораше да се гледа“, додаде Јокиќ.

Денес, години подоцна, кошаркарот кој некогаш мирно спиел додека се одвивал НБА драфтот зад неговото име се смета за еден од највлијателните играчи во современата кошарка и симбол на успехот на Денвер Нагетс.