Химки подготвува „бомба“ на пазарот: Мозгов се враќа во Москва

Рускиот вицешампион Химки Москва подготвува голем трансфер на руска НБА ѕвезда. Имено, клубот кој обезбеди уште една сезона во Евролигата сака да обеди тандем од репрезентацијата на Русија и на Алексеј Швед да му го придодаде Тимофеј Мозгов.

33-годишниот центар зад себе има 494 натпревари во НБА лигата, но сега е без договор и планира враќање во Европа. Прва опција му е Русија, а Химки е негов дом, бидејќи двапати во минатото настапуваше во овој клуб: од 2006 до 2010 година и во годината на локаутот (2011).

Мозгов е единтвен Русин со шампионски прстен од најсилната лига на светот, а во долгата НБА-кариера ги носеше дресовите на Денвер, Њујорк, Кливленд, Лос Анџелес Лејкерс и Бруклин.

Со руската репрезентација Мозгов освои бронза на Евробаскетот во 2011 година во Литванија и бронза од Летните Олимписки Игри во Лондон една година подоцна.