ВИДЕО: Химки го доби дербито со ПАО, Жалгирис го декласира Ефес!

Екипата на Химки Москва продолжува со одличните настапи во Евролигата оваа година, откако вечерва во рамки од 23. коло, славеше во дербито со грчкиот гигант, Панатинаикос (78-61). Со оваа победа рускиот тим е пред обезбедување учеството во елиминационата фаза, а за тоа му се потребни само уште три триумфи во останатите седум средби. 

Иако се очекуваше овој дуел да биде вистински кошаркарски спектакл, грчките кошаркари тотално потфрлија и уште од самиот старт му препуштија предноста на домаќинот, кој до крајот на мечот не ја испушти. На полувреме се замина со резултат од 46-31, додека во вториот дел Химки константно ја зголемуваше предноста која на крај достигна +17 (78-61).

Швед со 20 поени беше најрасположен во таборот на победничката екипа, додека кај ПАО се истакна Синглетон со 14 постигнати поени. 

Кошаркарите на Анадолу Ефес доживеаја уште еден дебакл во Евролигата, откако вечерва со убедливи 16 поени разлика беа поразени од Жалгирис (70-86). Вајт со 15 и Дејвис со 12 поени беа предводници на литванскиот тим во оваа победа, а кај Ефес најпрецизен беше Меккалум со 14 поени.