Химки до „два од два“, Барса убедлива во Санкт Петербург

Екипата на Химки од Москва дојде до втората победа во вториот меч од Евролигата и на домашен терен славеше над шпанска Басконија (79-76).

Рускиот претставник фуриозно го отвори мечот, поведе со десет поени разлика по првиот квартал (27-17) и константно ја одржуваше предноста. Разликата од три поени на крајот изгледа како тесна, меѓутоа Басконија ниту еднаш не дојде до позиција да го загрози новиот успех на Химки.

Најдобар кај домашните беше Алексеј Швед со 21 поен и 8 асистенции, а го следеше Јанис Тима со 18 поени, а кај Басконија, Торнике Шенгелија беше најрасположен за игра со 18 поени и 10 скока.

Барселона забележа сигурна победа во рамки на второто коло и славеше во Санкт Петербург кај Зенит (63-87). До убедливиот триумф каталонците дојдоа во последните десет минути, во кои го надиграа рускиот тим и му дозволија да даде само седум поени (7-28).

Најрасположен кај Барселона беше Кајл Курич со 24 поени, а поддршка му беше Никола Миротиќ со „дабл-дабл“ од 17 поени и 10 скока, додека кај Зенит, единствен со двоцифрен учинок беше Евгениј Воронов со 10 поени.