Херојски кам-бек на ЦСКА, „кралевите“ го предадоа евролигашкиот престол

ЦСКА Москва е вториот финалист на завршниот турнир на Евролигата, откако во драматичен финиш во Виторија, го совлада тимот на Реал Мадрид со 95-90. Европскиот првак ја предаде круната, откако прокоцка предност од 14 поени во третиот период.

  • Извештај од натпреварот: 

„Кралевите“ подобро го отворија натпреварот и носени од високиот Таварез во двата рекета поведоа со +6 во петтата минута. Итудис побара минута одмор, но неговата екипа тешко реализираше во нападот. 

Европскиот првак благодарение на пет врзани поени на Рендолф поведе со +10, но брзо реагираше Серхио Родригез и намали на 16-22 за тајм-аут на Ласо. 

Мотивираниот Шпанец кај рускиот шампион со серија на поени донесе прва предност за ЦСКА Москва во 14. минута (29-28). Резервистот Кузер и Томкинс со тројка во последната минута на европскиот првак му донесоа 43-45 на шпанскиот тим на крајот од вториот квартал.

Како и во првиот квартал, пак „белите“ подобро отворија и Кампацо и Ајон постигнаа поени за +8 на средина од четвртината. Играта во одбрана ги сопре „армејците“ и кога Рендолф погоди тројка веќе беше 50-61 и Итудис повика минута одмор. На семафорот стоеше 65-73 кога се влезе во последните десет минути. 

Русите одлично отворија, Клибурн и Хигин реализираа од поле, а Де Коло од линијата за слободни фрлања намали на 75-78. Позитивната тенденција на Русите донесе тројка на Клибурн за -1 во 36. минута. Момците на Итудис долго чекаа и по тројката на Де Коло на 79 секунди до крајот поведоа со 87-85. Следеше петта лична грешка на Кампацо и две слободни фрлања на Де Коло за +4. Серхио Љуљ веднаш погоди тројка за 91-90, а Клибурн реализираше нови слободни фрлања. Ризикуваше Љуљ во последниот напад и промаши, па Русите ја однесоа победата од линијата за слободни фрлања (95-90).

Најефикасни кај рускиот тим беа Де Коло и Родригез со по 23 поен, а во таборот на Реал Мадрид се истакнаа Кузер со 18, Љуљ со 13 и Рендолф со 12 поени. Големото финале се игра в недела од 20:30 часот.