Хендрикс одговори на старите критики со „ѕверска“ игра за Македонија

Македонија успеа да ги отвори претквалификациите за пласман на ЕП 2021 со победа кај Словачка (66-74), а прво име во нашиот национален тим и еден од главните виновници за посакуваниот резултат е Ричард Хендрикс.

Повратникот во националниот тим дојде напомош под обрачите, по повредите на Чековски и Трајковски и одлично се врати во „црвено-жолтиот“ дрес. Со перфектен „дабл-дабл“ учинок, Американецот им ги затвори устите на сите што го критикуваа во претходниот настап и најави дека ќе биде клучен играч во борбата на нашата репрезентација за ЕП.

Хендрикс во најдобрата партија во македонскиот дрес забележа „дабл-дабл“ учинок. Центарот имаше одличен шут од поле (8/12) и успеа да постигне 21 поен и воедно да додаде уште 14 скока, од кои 10 во дефанзивата. 

Американецот кој настапува за Галатасарај го заврши мечот и со 33 индекс-поени и беше најдобар на паркетот. Хендрикс пред кам-бекот последниот настап за Македонија го имаше во 2015 година, на Европското првенство кое се одржа во Загреб.