Хелиос едвај собра кошаркари за дуелот со МЗТ Скопје во Бања Лука

Хелиос

МЗТ Скопје ќе го стартува АБА2 турнирот во Бања Лука против екипата на Хелиос Санс. Словенечкиот тим доаѓа со значително ослабен тим и ќе има проблеми да се надигрува со ривалите во текот на оваа недела.

Од тимот на Дејан Јакара најавија дека голем број кошаркари останаа дома поради позитивни корона-тестови. Меѓу нив се Михаило Секуловиќ, Урбан Оман, Алјаж Братец, Адријан Хиршман и Тибор Миртиќ.

„Ситуацијата не е најдобра, но сепак не одиме во Бања Лука со бело знаме. Можевме да плачеме, можеби дури и да останеме дома и да не бидеме дел од „балонот“ овој пат, бидејќи едвај ги составивме осумтемина и ги исполнивме правилата, но сепак сакаме да се претставиме во најдобро можно светло и можеби да фатиме некој од противниците на лева нога. Можеби некои од оние што останаа дома ќе ни се придружат во следните неколку дена, но сепак верувам дека сме доволно квалитетни во оваа постава за да подготвиме изненадување“, изјави тренерот на екипата.

Прв предизвик за Хелиос ќе биде МЗТ Скопје, ривал со кој ќе игра денес. За два дена ќе се соочи со Сутјеска Никшиќ, а за крај ќе ги одмери силите со Широки од БиХ.