• Саше Љолес
Кошаркарите на Фенербахче по голема борба успеаја да го совладаат Анадолу Ефес во четвриот натпревар од финалната серија во турската Суперлига (80-72) и успеаја со конечни 3-1 да ја освојат единаесеттата шампионската титула во историјата.
Избраниците на Шарунас Јасикевичус фуриозно го започнаа мечот и ја добија првата четвртина со 14 поени разлика, препуштајќи му на ривалот да постигне само осум поени. Ефес немаше намера лесно да се предаде уште на стартот, заигра многу подобро во втората делница, а на паузата резултатот гласеше 40-33 во корист на домаќинот.
Второто полувреме донесе многу поголема неизвесност. Гостинскиот тим се одржуваше во мала негатива, а на почетокот на последните десет минути влезе во егал-ситуација која најави драма во финишот. Фенер постигна важни поени преку Калатес, но и Ефес беше во силен налет, а последните две минути донесоа и мал пресврт, по кој гостите поведоа со 64-62.
По тајм-аутот на Јасикевичус, Хејс-Дејвис постигна поени за израмнување, а веднаш потоа имаше и напад за водство, но Калатес промаши зицер и отвори можност за Ефес. Папајанис со прекрасна блокада спречи победа на гостите во регуларното време и мечот замина во продолжение од пет минути.
Дополнителното време започна со експлозија на Најџел Хејс-Дејвис, кој постигна две тројки во низа, по што започна распадот на Ефес. Американецот ги постигна скоро сите поени во продолжението и беше предводник кон клучниот исчекор за победата со конечни 80-72, обезбедувајќи нова титула за Фенербахче во турската Суперлига.
Најефикасен во победничкиот тим беше Тарик Биберовиќ со 19 поени, додека најдобар поединец на мечот беше Елајџа Брајант од Анадолу Ефес, кој постигна еден поен повеќе. Одличен настап имаше Најџел Хејс-Дејвис, кој постигна 16 поени, од кои дури десет во дополнителното време.