• Саше Љолес

Американската репрезентација сигурно ќе замине со исклучително силен тим на следните Олимписки игри, кои ќе се одржат следното лето во Париз, Франција.
По дебаклот на Мундобаскетот, јавноста во Соединетите Американски Држави побара националниот тим повеќе да не патува на големите натпреварувања со играчи што не настапуваат во НБА лигата и очекува во иднина Американците да бидат секогаш главни фаворити за освојување на златните медали. Веќе неколку ѕвезди на НБА изјавија дека ќе настапат на Олимписките игри, а кон нив се приклучи и легендарниот Двајт Хауард, кој даде многу интересна изјава.
Високиот кошаркар не е во плановите на селекторот Стив Кер, но рече дека многу би сакал да биде дел од националниот тим. Голема е веројатноста дека тој нема да добие повик, па со неговата интересна изјава им се „закани“ на своите сонародници.
„Гледам кои кошаркари го потврдија своето учество за Олимпијадата. Многу би сакал да сум дел од нашата репрезентација и да се закитиме со нов медал. Време е да се вратиме таму каде што припаѓаме, но мора и јас да бидам во тимот. Ако не добијам повик, ќе заиграм за Тајван и ќе постигнам 85 поени против мојата родна земја. Верувајте ми, можам да го сторам тоа“, изјави Хауард.
Голем дел од американската јавност со потсмев ја прифати оваа изјава на Хауард, а дел од навивачите велат дека тој не би можел да постигне ниту 15 поени против Соединетите Американски Држави. 37-годишниот центар имаше плодна НБА кариера, а веќе две години настапува во Тајван, каде е прва ѕвезда на домашната кошаркарска лига.