ВИДЕО: Харден од „забава“ до неверојатна партија, но МеКалум му возврати и го порази Хјустон

Џејмс Харден речиси во текот на целиот претсезонски дел беше мета на критики кај американската кошаркарска јавност заради неговите испади и „забави“ надвор од кошаркарскиот терен. Но, „Брадата“ уште на своето деби оваа сезона им ја затвори устата на критичарите и одигра монструозна партија против Портланд Трејд Блејзерс, но сепак неговиот Хјустон беше поразен по продолжението со резултат 128-126.

Харден на овој дуел реализира 44 поени, но имаше и неверојатни 17 асистенции, но на спротивната страна Портланд го имаше расположениот МеКалум, кој исто така постигна 44 поени, меѓу кои и неколку клучни, во моментите кога се кршеше резултатот. 

Во регуларниот дел беше 113-113, додека во дополнителните минути, најпрво Харден погоди тројка од голема далечина, додека во самиот финиш МеКалум возврати идентично и го постави конечниот резултат од 128-126 за Портланд. 

На останатите натпревари од синоќешната програма на НБА лигата, шампионот од пред две сезони Торонто беше надигран и поразен од Сан Антонио Спарс со 119-114, Минесота на гости беше поуспешна од Јута Џез, Сакраменто го совлада Феникс, додека Орландо со 120-130 славеше кај Вашингтон.