ВИДЕО: Харден немоќен против Вестбрук и Џорџ, Оклахома надополни -26 и го доби Хјустон

Во дерби натпреварот на вечерта, кошаркарите на Оклахома Сити Тандер на гостински терен, во спектакуларен натпревар го совладаа Хјустон Рокетс со 112-117. „Ракетите“ имаа предност и од +26 (68-42), но на крајот и тоа не беше доволно за триумф.

Најзаслужен за победата на „громовите“ беше Расел Вестбрук, кој го запиша деветтиот „трипл-дабл“ по ред и го израмни рекордот на Вилт Чемберлејн (21 поен, 12 скока и 11 асистенции), а огромна помош имаше и од Пол Џорџ, кој беше најефикасен со 45 поени. На спротивната страна Џејмс Харден ја продолжи серијата 30+ поени (29 меча во низа) и натпреварот го заврши со 42 поени.

Милвоки Бакс без Јанис Антетокумпо беше немоќен на домашен терен и на крајот убедливо совладан од Орландо со 83-103. Никола Вучевиќ мечот го заврши со 15 поени и 17 скока, а кај Бакси најефикасен беше Ерик Бледсо со 19 поени.

Лос Анџелес Клиперс славеше изненадувачка победа на гостински терен против Бостон Селтикс со 112-123, иако во еден момент имаше негатива од дури 28 поени. Лидер кај „клиповите“ беше Галинари со 19 поени, а Ивица Зубац во дебито за Клиперси запиша 12 поени и 9 скока. Кај Селтикси најефикасен беше Гордон Хејвурд со 19 поени.

Во останатите натпревари, Индијана Пејсерс го совлада Кливленд Кавалирс со 105-90, Шарлот Хорнетс славеше гостинска победа против Атланта Хоукс со 120-129, Њујорк Никс беше немоќен против Торонто Репторс и загуби со 99-104, а Мемфис Гризлис на домашен терен со 99-90 го совлада Њу Орлеанс Пеликанс.