ВИДЕО: Харден и Нетси подобри од Леброн и Лејкерси, петти пораз во низа за Милвоки

Кошаркарите на Бруклин Нетс победија на гостувањето кај Лос Анџелес Лејкерси со 109-98 среде „Стејплс Центар“. Џејмс Харден и Кајри Ирвинг беа подобри од „езерџиите“ кои предводени само од Леброн Џејмс и без Ентони Дејвис беа немоќни против разиграниот ривал. 

Лејкерси први поведоа, но тоа беше сè што покажаа на средбата. Уште во првиот период Нетси ја презедоа резултатската контрола, а предноста константно растеше. Иако домашните намалија на -11 на полувремето, Бруклин пак се одлепи и во последните десет минути ги имаше највисоките +25. Лејкерси пак се обидоа да се вратат, но не ја пробија двоцифрената граница и заслужено го загубија натпреварот. 

Најефикасен играч на средбата беше „кралот“ Џејмс со 32 поени, а собра осум скокови и седум асистенции. Најкорисен во редовите на Нетси беше Џејмс Харден, со 23 поени, на кои надоврза единаесет асистенции за „дабл-дабл“ и пет скокови, додека од Бруклин му помогна и Харис со 21, како и Ирвинг со 16 поени. 

Петти пораз во низа запишаа кошаркарите на Милвоки Бакс, откако синоќа загубија од Торонто со 110-96. „Црната серија“ на Бакси започна со поразот од Феникс пред осум дена, а оттогаш загубија од Јута, Оклахома и двапати од Репторси. Пауел и Сиакам ги водеа Торонто до победата со 29, односно 27 поени, додека 23-те кои ги запиша Антетокумбо беа недоволни за било каков позитивен резултат. 

Синоќа се одигра и дуелот меѓу Сакраменто Кингс и Мајами Хит во „Голден 1 Центар“, а истиот заврши со победа на гостите од 118-110.