Харден е решен да си замине од Хјустон: Одби неверојатни 50 милиони по сезона

Еден од најдобрите кошаркари во НБА лигата, Џејмс Харден, одби да го продолжи договорот со Хјустон Рокетс, со кој би станал првиот играч во историјата на оваа игра со договор од 50 милиони долари по сезона.

Како што пренесува американски „ЕСПН“ првата ѕвезда на Рокетски, повторно им ставил до знаење на челните лица на клубот дека не сака да ја продолжи соработката, па неговото заминување од франшизата од Тексас и потенцијалниот трејд со Бруклин Нетс се сè поизвесни.

Харден во НБА лигата е од 2009 година, а од 2012 година е убедливо најдобар играч на Хјустон. Тој беше избран за МВП на сезоната во 2018 година, а од 2013 година е редовен учесник на „Ол-стар“ викендите, додека шест пати беше избран во првата петорка на лигата.  

Во минатата сезона, Хареден беше најдобар стрелец во регуларниот дел на НБА со повеќе од 30 поени во просек по натпревар.