Хапоел Тел Авив ѝ одржа лекција на Басконија, Фенер се намачи против Макаби

Кошаркарите на Хапоел Тел Авив се вратија на челната позиција на табелата во Евролигата, откако вечерва одиграа моќно против Басконија и го запишаа осмиот овосезонски триумф во европската кошаркарска елита. Натпреварот во Софија мина во знакот на израелските кошаркари, кои доминацијата на паркетот ја преточија во убедлива победа од 114-89.

За Хапоел ова беше осма радост во Евролигата оваа сезона и со само два порази ќе го преземе врвот на табелата, барем до утревечер кога Жалгирис ќе гостува кај Олимпијакос. Басконија, пак, ја прекина серијата од три победи и ги впиша седмиот пораз. 

Брајант со 24 и Антонио Блејкни со 15 поени беа најрасположени кај победничкиот тим, додека за Басконија се истакна Луваву-Кабаро со 19 поени.

Кошаркарите на Фенербахче во финишот не дозволија нов удар пред својата публика и со 84-75 славеа во драмата против Макаби Тел Авив. Турскиот тим играше како по ноти во првите три четвртини, стигна до предност од 20 поени разлика, но потоа влезе во голема криза и од 55-35, тимот од Израел се врати на дури поведе со 66-67. Сепак, во финишот турскиот гигант покажа карактер и по голема борба извојува победа од 84-75.

Болдвин со 17 и Хол со 15 беа на ниво кај Фенербахче, а за поразениот тим најпрецизни беа Соркин со 22 и Хоард со 13 поени.