Хап: Прелесно е кога го имате Нено во тимот, само дајте му ја топката!

Натурализираниот македонски репрезентативец, Итан Хап, го изрази своето огромно задоволство од победата над Полска и не штедеше зборови за своите соиграчи, а особено го пофали неверојатниот Ненад Димитријевиќ, кој постигна 32 поени и беше лидер на тимот. 

„Селекторот одлично нè подготви за натпреварот, особено кога противникот ја менуваше одбраната. Кога имаш плејмејкер како Нено, само треба да му ја дадеш топката и да играш, импресивно беше да се гледа како игра. 

Како што рече селекторот, секој што се појави на паркетот има удел за денешната победа“, рече Хап на собирот со новинарите по крајот на овој натпревар во кој Македонија покажа дека може да дојде до целта, а таа е секако пласман на ЕП во 2025.

Итан Хап веше вториот најкорисен играч во огромната победа над Полска и запиша учинок од 17 поени, седум скокови, пет асистенции и пет освоени топки. Особено брилираше со играта во одбраната, а беше и вистински „лав“ во скок-играта под обрачите.