Гуити: Куманово ми покажа многу љубов, ја сакам „двојната круна“

Куманово полека формира ростер за претстојната сезона, а досегашните кошаркари кои се донесени се сериозни имиња кои може да ги загрозат екипите на врвот. Еден од новајлиите на екипата е Хулио Гуити од САД, специјалист под обрачите.

25-годишниот кошаркар се очекува да биде од голема корист за тимот, посебно во одбраната. Последната сезона Американецот кој игра како крило ја мина во редовите на ерменски Урарту, а претходно има играно во БиХ и на Малта. Тој вели дека е возбуден и дека ја посакува „двојната круна“.

„Возбуден што ќе играм за Куманово, досега добив многу пораки и сите ми дадоа голема поддршка и ми покажаа многу љубов. Многу ги почитувам навивачите и сите пораки што ги добив, па поради тоа сакам да ја донесеме двојната круна во Куманово. Кога говорам за Куманово, знам дека се работи за еден млад тим со нов тренер, но е доста перспективен. Едвај чекам да пристигнам во Македонија, се надевам дека ќе имаме поддршка од трибини и дека ќе успееме заедно да дојдеме до големи резултати“, изјави Гуити.

Во последната сезона статистиката е завидна, затоа што во просек има 12,7 поени, 11,5 скока и 2,2 асистенции по меч. Гуити и Куманово се договорија за едногодишна соработка.