Група Г: Европските ривали Франција и Германија во борба за лидерското место

Светското првенство во Кина ќе донесе борба на најдобрите светски селекции за престижната титула. Истата пред пет години, на турнирот во Шпанија, ја освои репрезентацијата на САД, која важи за голем фаворит и оваа година.

Група Г:

ФРАНЦИЈА - Европската селекција во оваа група влегува како главен фаворит за првото место. „Триколорите“ на СП доаѓаат со пораз од Србија, со кој се прекина победничката серија на репрезентацијата која траеше од август. Големиот фаворит во своите редови има четири играчи од НБА-лигата, Гоберт, Батум, Фурние и Нтиликина, што на квалитет е повеќе од било кој друг состав на овој Мундијал. Тренерот Коле донесе хемија во составот, а целта е најмалку да се дојде до полуфиналето.

ГЕРМАНИЈА - Единствениот тим во групата што делува дека може да го загрози фаворитскиот статус на Франција е селекцијата на Германија. Вториот европски тим во оваа група има голем талент и исто така четворица играчи од најквалитетната НБА-лига, во името на Теис, Шродер, Клебер и Бонга. Сепак, предноста во групата е на страна на Франција, поради искуството на противникот. Германија има уште да се воигрува, за да дојде на нивото на „триколорите“.

ДОМИНИКАНСКА РЕПУБЛИКА - Доминиканците се третиот тим во групата според квалитетот. Високо загубија на подготовките од Шпанија и Грција, а ја победија Кина, со огромни 15 поени разлика. Но, ги немаат во ростерот Ал Хорфорд и Карл-Ентони Таунс, двата НБА-играчи кои сигурно ќе направеа разлика. Од овој ростер, фокус треба да се стави на бекот Виктор Лиз и Ригоберто Мендоза, како и „џинот“ Елој Варгас.

ЈОРДАН - „Соколите“ од Јордан се аутсајдери и покрај присуството на Заид Абас, натурализираниот Дар Такер и почитуваниот центар од Фенербахче, Ахмад Ал-Дваири. Од Јордан се очекува да има сила за отпор едно полувреме, но не и за нешто повеќе. Реалноста вели дека Јордан треба со Доминиканска Република да се бори за третото место на табелата.