Група Ц: Шпанија со мислите во следната фаза, Тунис и Порторико во борба за второ место!

Преостанува само уште еден ден до почетокот на долгоочекуваното Светско првенство во кошарка, настан кој ќе го одбележи ова лето. Осум различни градови ќе бидат домаќини во првата фаза, која е поделена во осум групи по четири селекции. 

Третиот кинески град по големина, Гуангжу ќе биде организатор на групата Ц, во која ќе се натпреваруваат селекциите на Порторико, Иран, Тунис и како и поранешниот светски шампион, Шпанија. 

Група Ц:

ШПАНИЈА - Шпанците пред секое големо натпреварување во последните две децении беа меѓу конкурентите за највисок пласман, но сега поради отсуствата на Миротиќ, Ибака и Родригез, како и на Пау Гасол, нема дилеми дека шансите за највисок пласман им се драстично намалени. Сепак, селекторот Серџо Скариоло има свои адути на овој планетарен собир, најмногу се очекува од Марк Гасол, Рики Рубио, Серхио Љуљ, Руди Фернандез, па доколку истите одиграат како што се очекува „фуријата“ повторно може да биде конкурентна за највисок пласман. Никако не смее да се заборави дека Шпанија е последната европска селекција која го грабнала светскиот трон (2006), за потоа два собири во низа САД повторно да го преземе приматот на најдобра светска селекција. 

ТУНИС - Селекцијата на Тунис ќе биде првиот противник на Шпанците во групната фаза. На чело со младиот Салах Мејри, Тунис важи за една од репрезентациите кои можат најпријатно да изненадат на СП. Тунижани можеби немаат добар скор со европските селекции, но добро за нив е што во групата ја имаат само Шпанија, па шанса за втора фаза ќе бркаат на дуелите со Иран и Порторико. 

ПОРТОРИКО - Без некој поголем успех, односно со само една победа и три порази, Порторико ги заврши подготовките за претстојниот Мундијал. Еден од најчестите учесници на Светскоро првенство од Средна Америка, и на собирот во Кина нема да чувствува некој поголем притисок за висок пласман, а можеби тоа ќе биде олеснителна околност за Порториканците да ја прескокнат првата пречка и да обезбедат главна фаза на овој собир.  

ИРАН - Селекцијата на Иран со многу сериозен пристап ги стартуваше подготовките за овој Мундобаскет. Своите припреми ги започна пред повеќе од еден месец, одигра дури осум контролни средби, но на оние вистинските против селекциите кои учествуваат на Мундобаскетот забележа убедливи порази. Според обложувалниците Иранците се аутсајдери во оваа група, имаат најмали шанси за втора фаза, а спротивното ќе имаат шанса да го докажат уште утре во дуелот од првото коло против Порторико.