Грнчаров: МЗТ треба да биде првак, да нема испаѓање и лигата да се прошири

Македонската кошарка е во прекин поради коронавирусот, а Кошаркарската федерација (КФСМ) е во консултација со клубовите и разгледува дали постојат можности и како да се продолжи понатаму.

Тешко изводливо е дека мак-баскетот пак ќе биде активен по пандемијата, а за Gol.mk моменталната ситуација ја коментира Тони Грнчаров, извршниот директор на МЗТ Скопје Аеродром. Претставникот на аеродромци вели дека најреално е да се очекува прекин и МЗТ да биде крунисан за старо-нов шампион.

„Со вонредната состојба контактираме со сите преку видео-конференции. Искрено, тешко ќе биде сезоната воопшто да се продолжи, затоа што нема кога да се игра, ниту август, ниту септември. Ако и кај нас се прекине во целост како во повеќето држави, треба да го следиме нивниот пример. Досега десетина држави ги прекинаа првенствата и донесоа одлука кој е прв, тој да биде шампион. Тоа во случајот е МЗТ. Кај нас немаме ситуација кога еден клуб се приклучува подоцна, Словенија на пример, го поништи првенството, ама не прогласи шампион затоа што Олимпија тукушто влезе и одигра само едно коло. Тоа е нашиот став како клуб, пративме допис и до федерација да нема испаѓање од лигата, со додатно проширување од две места за два второлигаши“, ни изјави Грнчаров.

Во мак-баскетот досега се одиграа 17 натпревари од првата фаза. Сите клубови што требаше беа дел од лигата, а одлуката на КФСМ се очекува да биде донесена во најбрз можен рок.